Мојот реквием за ЗЕМЈАТА мајка
Нешто се случува со нашата планета!
Не знам дали таа плаче или дожд ја полева нејзината душа.
Денот ја убива ноќта.
Ноќта го милува денот.
Ветрот му пркоси на сонцето, а снегот се топи во летот.
Есен ли е, или тоа доаѓа пролет? Лето ли е, или тоа некој се игра со нашето трпение.
Не постои река која запира за да го чуе славејот на гранка, но постои птица која не умее да лета.
Планината се поместила ли од човековата негрижа или тоа само ни се чини дека пејзажот имагинарен се насликал в слика.
Сè ама баш сè ми се помешало во умот во оваа џунгла од мисли, вo оваа глава која прашува како понатаму, каде со овој ум што мисли само за себе?
Реквием за земјината болка
Нешто се случува со нашата планета?
Не знам дали ние – луѓето ја ранивме?
Последиците веќе почнаа да се чувствуваат, но за среќа сè уште постои можност да преземеме нешто, со што би се заштитиле себеси, со што би ја заштитиле нашата иднина, нашите поколенија.
Метереологијата сè уште дише и покрај сезонските варијации. Изворите сè уште постојат и покрај нашата негрижа за нив.
Потребна е обнова на умот, потребна е енергија која ќе ги покрене нашите размислувања. На почвата да и се врати земјата, таква каква што била; На планините да и се вратат дрвјата онакви какви што биле; на реките да им се вратат водите онкви какви што биле.
Светот веќе искористил половина од енергијата што ја дарила природата, а Европа научила да го мери денот од утро до мрак. Ликовите во нејзината приказна постојат и тие не се измислени, туку се реалност што негуваат традиција.
Некогаш Европа го измисли бродот за да патува човекот по море – ветрот носеше убави звуци, енергија на движење.
Со векови, зградите се дизајнираа да ја искористуваат топлината од сонцето – извор на животот.
Со векови дрвото се користело за греење и готвење, се почитувал вкусот на традицијата.
Енергијата и после толку векови и години не се променила, но се променила технологијата. Современите ветерни турбини произведуваат електрична енергија за илјадници домови. Тие се спас од јаглеродните гасови кои го предизвикуваат глобалното затоплување.
Западот веќе навикнал да ги користи благодетите на природата, треба ли да се вклучиме и ние?
Реквием за Сонцето
Сонцето со својата енергија го подржува животот. Го искористуваме ли доволно кога доаѓа на Земјата?
Упатените велат: „Постојат две можности за енергетско искористување на Сончевото зрачење: трансформирање на соларната енергија во топлотна и директното трансформирање во електрична енергија“.
Сонцето ни ја пружа светлосната и топлинската љубов.
Ние сме тие кои треба рационално да ги искористиме неговите дарови.
Денес, користиме специјални прекривања за прозорските стакла кои ја пропуштаат сончевата светлина правејќи добра топлотна изолација. Сончевите панели користат фотоволтаични ќелии изработени од специјален тип на силикон. Тие ја претвораат сончевата светлина во електрична енергија, соларната енергија се користи за обезбедување на топлина и топла вода.
Сакаме ли природа, сакаме ли природна топлина, топла вода? Зарем треба да поставуваме прашања?
Тој, Сонцето е тука, секое утро нè буди и нè потсетува дека е совршен извор на животот, дека можеме од него да земеме толку колку што ни треба. Доволно ли сме свесни за тоа?
Реквием за Ветрот
Силата на ветерот му е позната на човекот одамна. Уште од најстари времиња ветерот е користен за пумпање на вода за наводнување, мелење на жито. Во денешно време енергијата на ветерот најчесто се искористува за добивање на електрична енергија.
Можеме да го мразиме, можеме да го сакаме ветрот, но тој е тоа – воздух, потребен за да живееме, потребен за да се движиме, потребен за да го користиме.
Експертите ќе кажат: „Предности на енергија на ветерот се: релативно ниска цена, не ја загадува околината, обновлив извор на енергија, нема потреба од гориво, енергенсот не се увезува…“.
Сончевата енергија и ветерната енергија се најзначајните обновливи извори на енергијата. Тие овозможуваат да и помогнеме на нашата планета.
И сонцето и ветрот не можеме да ги купиме, тие се онолку присутни во нашите животи колку што ни се потребни, затоа да ги почитуваме и да се храниме од нив онолку колку што треба.
Текст: Антонија Миткова
Ментор: Тони Аврамов